Илиевски: Нема информација зошто пилотот летал над Солунска Глава
Претседателот и истражител на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи при Владата на РСМ Зоран Илиевски денеска на пресс конференција ги соопшти деталите за причините за авионската несреќата што се случи во вторникот кај Солунска глава.
Toj рече дека пилотот самиот го прави планот на летање, и дополни дека нема информации зошто летал над Солунска глава.
Илиевски истакна дека се направени професионални фотографии и снимки со дрон што кои треба да помогнат за понатамошната истарга, за утврдување на причините за несреќата. Формирана е комисија со тројца претставници од Комитетот, а дополнително ќе се ангажираат и надворешни експерти, рече Илиевски. Тој додаде дека истрагата ќе се води во соработка со Центарот за воздухопловни истраги од Бугарија и оти има и двајца истражители кои ќе бидат на располагање.
„Наша прва дејност е истрагата, целта е да дојдеме до причините за несреќата. Втората дејност се препораки за превенција како да не дојде повторно до таква несреќа. Неблагодарно е да влезам со претпоставки, се додека не се анализирани сите податоци и примероци од авионот“, изјави претседателот на Комитетот.
Илиевски рече дека е земен примерок од горивото кој треба да се анализира во акредитирана лабораторија и оти се чекаат податоци за целиот историјат на воздухопловот, односно дали имал претходно инциденти, и дали летал над Македонија.
Во врска со информациите објавени во бугарските медиуми дека на авионот не му било дозолено да слета на аеродром поради посетата на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, Илиевски рече дека немало ситуација некој да не добие дозвола за слетување ако пријави лоши временски услови и турбуленции и го повтори ставот на М-НАВ дека пилотот добил дозвола за слетување во Скопје, но самиот одлучил да го смени барањето и да продолжи кон Софија.
Во авионската несреќа кај Солунска Глава загинаа Георги Бошнаков, кој го управувал авионот, неговата сопруга Калина и нивните ќерки и Гергана и Билјана.