Бугари добивале европски пари за хотелчиња, си граделе викендички
Бугарското обвинителство почна голема национална истрага за „многу“ случаи за кои постои сомнеж за измама во врска со програмите на ЕУ за рурален развој со кои беа обезбедени над 100 милиони евра за изграба на туристички преноќишта ширум земјата. Отворена е истрага и против поранешниот заменик министер за економија, Александар Манолев, рече портпаролката на обвинителството Румијана Арнаудова. Обвинителството наредило полицијата да ги провери сите проекти за преноќишта (Bed and breakfast) кои добиле пари од Програмата за развој на рурални подрачја на ЕУ од 2007 година. Цел на програмата беше да се помогне во отворање на мали и одржливи бизниси и можности за вработување во туристичкиот сектор во руралните подрачја. За секој проект за изградба на сместувачки капацитет, ЕУ исплаќала по 200 илјади евра, а тие што ги земале парите имале обврска најмалку пет години да работат во областа. Истрагата на бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа покажа дека многу проекти што добиле европски пари никогаш не работеле како преноќишта, но засега е непознат обемот на измамата. ЕУ дала пари за 746 вакви објекти. Пред околу две недели, бугарскиот портал за истражувачко новинарство бивол.бг откри дека куќата во Сандански која тогашниот заменик-министер за економија, Александар Манолев, ја користи како приватна викендичка, добила 200 илјади евра од фондовите на ЕУ. Тој негира дека куќата е негова.
Медиумите објавија дека свекорот на кандидатката на Бугарската социјалистичка партија за Европскиот парламент, Елена Јончева, добил европски пари за изградба на две куќи на Црното Море, но никогаш не работеле како сместувачки капацитети, туку како приватни вили.