ДИK- поништено гласањето на седум избирачки места, но нема да се прегласува
Државната изборна комисија на денешната седница го поништи гласањето на седум од 14 избирачки места за колку имаше поднесено приговори. Поништени се гласањата на две избирачки места во Кавадарци, на по едно во Центар, Куманово, Охрид, Аеродром и Зајас.
Причина за најголем дел од поништувањата е тоа што во гласачките кутии имало повеќе ливчиња од бројот на запишани избирачи кои гласале и се потпишале во избирачките списоци. На овие избирачки места нема да се прегласува, бидејќи резултатот од избирачките места не влијае на конечниот резултат. Сите 14 приговори беа поднесени од овластени претставници на претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска Давкова која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
Според претседателот на ДИК Оливер Дерковски проблемот кој доведува до вакви пропусти е квалитетот на избирачките одбори, бидејќи се покажало дека дел од нив без никаква друга намера, неодговорно работеле поради што и имало несогласувања на бројот на ливчиња со потпишаните во избирачкиот список.