Разоткриена криминална група која преку интернет украла 100 милиони долари
Во меѓународна полициска акција е разоткриена криминална група која преку интернет украла 100 милиони долари од десетици илјади луѓе. Европол соопшти дека во операцијата биле вклучени истражители од САД и пет европски земји, Бугарија, Германија, Грузија, Молдавија и Украина.
Според Европол, групата користела вирус кој од компјутерите на корисниците украл банкарски податоци на повеќе од 41 илјада луѓе. Потоа групата ги перела парите преку сметки на нејзини членови во САД и други земји.
Десет членови на групата се соочуваат со обвиненија во САД, меѓу кои кражба на пари и перење пари. Европол посочи и дека пет Руси кои се обвинети во САД се во бегство.