Нема американски визи за косовските политичари вмешани во корупција
Амбасадата на САД во Косово денеска упати критики кон косовскиот правен систем, забележувајќи дека досега никој не одговарал за, како што наведува, очигледните случаи на корупција и организиран криминал, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на Американската амбасада се споменуваат неколку големи коруптивни афери, како „Пронто“, во која се обвинети десетина актуелни високи функционери за незаконски вработувања и други злоупотреби на службената должност, потоа обвиненијата за политичари кои земале поткуп за обезбедување италијански визи, за бегствата од затворот во Дубрава и други случаи.
Дипломатското претставништво на САД во Приштина порача дека „косовските граѓани заслужуваат правен систем пред кој личностите ќе одговараат за нивните коруптивни активности“ и најави дека политичарите вмешани во поголемите афери не ќе можат да добијат американски визи.