Експлозија во Авганистан, најмалку тројца загинати
Авганистанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека најмалку три лица се убиени и десетици повредени откако возило експлодираше во југоисточниот град Газни.
Министерството во денешното соопштение наведува дека полицијата пукала кон возилото наполнето со експозив, кое не успеало да застане на безбедносен контролен пункт и предизвикало експлозија. Двајца почицајци и дете се убиени во експлозијата.
Министерството информира дека оклопното возило на четири тркала „Хамви“ било украдено и е од возилата кои авганистанските сили ги добија од САД.
Шефот на Градската болница во Газни Баз Мохамад Хемат изјави дека најмалку 15 цивили и пет полицајци се повредени во експлозијата.
Ариф Нори – портпаролот на провинцискиот гувернер вели дека официјални претставници добиле разузнавачки информации дека Талибанците се подготвувале да спроведат таков напад.
Талибанците, кои контролираат голем дел од провинцијата Газни, преземаа одговорност за нападот.