Пендаровски: Да продолжиме со реформите и како полноправна членка на НАТО
Претседателот Стево Пендаровски по денешната средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и со Северноатлантскиот Совет порача дека посетата е историска и во многу значаен период за земјата. Тој притоа истакна дека е убеден оти сите ги ценат суштинскиот демократски напредок и спроведените реформи насочени кон возобновување на институционалниот и правен поредок во државата.
„Истовремено, ја поздравив заложбата на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана за достигнување на целта, како идна НАТО земја-членка Северна Македонија да издвојува два отсто од БДП за трошоци во одбраната. Оваа цел ќе ја достигнеме до 2024 година“, нагласи Пендаровски.
Пендаровски нагласи дека ќе инсистира на темелно реформирање на безбедноста и разузнавачките служби согласно сите највисоки стандарди на НАТО.
„Како држава остануваме посветени на придонесот за зачувување на глобалниот мир и стабилност, борбата против меѓународниот тероризам, за што сме подготвени во наредниот период да го зајакнеме нашето учество во мировните операции под водство на НАТО. За нас членството во НАТО е еден од најголемите кохезиони фактори во нашето мултиетничко општество, а поддршката за процесот е константно висока години наназад, што не обврзува како држава да продолжиме со реформите и како полноправна членка на НАТО“, нагласи Пендаровски.
Тој истакна дека е длабоко убеден дека членството во НАТО позитивно ќе се одрази на регионалната безбедност и стабилност, со што влијанието на надворешните малигни фактори ќе биде сведено на минимум.