Обвинителството побара од САД законски мерки за „Ел Чека“
Основното јавно обвинителство Кичево е надлежно за постапување за неовластено објавените снимки на Фејсбук профилот „Ел Чека“, бидејќи тој има адреса на живеење во кичевското село Турин. Јавното обвинителство, соопшти дека посоченото лице кривичните дела ги извршува од Чикаго, каде преку неговиот Фејсбук профил неовластено објавува снимани материјали.
„Во меѓувреме, а имајќи ја предвид итноста за заштита на правата на оштетените, Основното јавно обвинителство Скопје на 31 мај годинава, изготви и достави барање за меѓународна правна помош со цел обезбедување на потребни податоци од профилот на социјалната мрежа. Воедно, обвинителството побара од надлежните органи во САД да преземат законски дејствија во насока спречување на натамошно објавување на сниманите материјали“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.