Граѓански организации: Владата да покаже волја во борбата против урбанистичкото дивеење
Група граѓански организации и иницијативи денеска испратија јавен повик до премиерот Зоран Заев од кого бараат Владата и сите надлежни институции итно да се произнесат и да покажат суштинска волја за борба, како што наведуваат „против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес“.
Последен меѓу многуте, како што велат, драстичен пример е случајот со паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“), парцела за која Државната комисија за спречување корупција најави дека ќе истражува дали е незаконско окрупнувањето на земјиштето кај оваа локација и ќе се испитува дали се прекршени основните начела за заштита на животната средина со изградбата на предвидените висококатници. Невладините потсетуваат дека ДУП-от за оваа локација бил ставен под „мораториум“, со стручно докажани бројни аргументи за прекршувања на параметрите од Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Сепак, Министерството за транспорт и врски дозволи продажба на државното земјиште по тој ДУП.
„Со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту стручното мислење зошто овој ДУП не смее да се извршува“, се вели во реакцијата.