Борис Џонсон ја почна кампањата за наследник на Меј
Поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон денеска ја почна својата кампања за наследник на премиерката Тереза Меј, ветувајќи дека Брегзит ќе се случи на 31 октомври, со или без договор со Брисел.
Тереза Меј в петок заминува од премиерската позиција, не успевајќи да го спроведе излегувањето на Велика Британија од ЕУ, првично предвидено за 29 мај, но одложено за 31 октомври за да се спречи Брегзит без договор, од што стравуваат економските кругови. Таа сепак ќе остане в.д. премиерка сè додека нејзината Конзервативна партија не одреди нејзин наследник меѓу 13 кандидати. Процедурата треба да заврши до 20 јули.
Борис Џонсон, поранешен градоначалник на Лондон и поранешен шеф на британската дипломатија, беше еден од главните заговорници на Брегзит пред референдумот од 23 јуни 2016 година и сега настојува да се претстави како некој кој ќе го спроведе излегувањето од ЕУ, како што сакаа гласачите.
Џонсон има поддршка од активистите во базата на Конзервативната партија, но реакциите кон него се помешани меѓу пратениците од оваа партија.
Случајно или не, почетокот на неговата кампања се поклопи со првиот ден од државната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Велика Британија. Трамп веќе изјави дека Џонсон му е фаворит да ја замени Тереза Меј. Трамп исто така го пофали и популистот Најџел Фараж, предводник на Брегзит партијата, која освои најмногу гласови на европските избори. Пред тргнувањето кон Велика Британија, Трамп рече дека би можел да се сретне со двајцата политичари, со кои, како што рече, има одлични односи.