Вардарци пречекани од стотици навивачи на скопскиот аеродром
Со скандирање и запалени пиротехнички факли, стотици навивачи ги пречекаа ракометарите на Вардар на скопскиот аеродром. Прв од аеродромската зграда излезе капитенот Стојанче Стоилов со пехарот. Навивачите скандираа „шампионе, шампионе“ и „Столе, ти си наша икона“.
Ракометарите со панорамски автобус на кој го има амблемот на клубот и пишува „Европски шампион“ од аеродромот се упатија кон плоштадот Македонија во центарот на градот каде што се организира свечен пречек и прослава на Европската шампионска титула.
Ракометниот клуб Вардар вчера стана европски клубски шампион, откако во финалето на ракометниот фајнл-фор во Келн го совлада унгарски Веспрем со 27-24.
Пристигнувањето на ракометарите денеска два пати се одложуваше. Првично беше најавено дека чартерот во Скопје ќе стигне во 16.15, а подоцна беше соопштено дека ќе слета во 18:50 часот, по што имаше уште едно одложување за во 20:30 часот за да стигнат еден час подоцна.
Градоначалникот Петре Шилегов ги пречека ракометарите на пистата на аеродромот.