Молдавскиот суд го разреши претседателот на државата
Молдавски суд го разреши денес претседателот на државата Игор Додон и го постави поранешниот премиер Павел Филип за привремен претседател, објави Ројтерс.
Демократската партија на Молдавија на Павел Филип вети вчера дека ќе го оспори легитимитетот на новата влада која ја формираа Социјалистичката партија поддржана од Русија и проевропскиот блок АКУМ.
Додон е поранешен лидер на Социјалистичката партија и го поддржува формирањето на новата влада.
Социјалистичката партија и блокот АКУМ се согласија вчера да формираат влада и ја именуваат Маја Санду, поранешна министерка за образование и советничка на Светската банка, за премиерка за да ја намалат моќта на олигарсите во една од најсиромашните земји во Европа.