Собранието ги констатираше оставките на Груевски и Богоевски
Собранието денеска ги констатираше оставките на пратеникот и поранешен премиер Никола Груевски, кој доби политички азил во Унгарија, како и на пратеникот Павле Богоевски. Груевски ја поднесе оставката откако во Собранието започна постапката за одземање на неговиот пратенички мандат. Но, со констатирање на оставката, предлогот за одземање на мандатот на Груевски е беспредметен и беше повлечен.
Богоевски во неговото образложение за оставката истакна дека не сакал неговата функција да влијае на истрагата против него по објавувањето на прислушуван разговор. Во неговиот говор Богоевски се осврна и на Груевски, кој според него, сега е само бегалец од правдата, кој повеќе нема да ги троши парите на граѓаните.
По констатирањето на оставките треба да заседава Државната изборна комисија која ќе ги предложи следните два кандидати кои ќе ги наследат Груевски и Богоевски.