Заев утре во посета на Обединетото Кралство на форум на Фајненшал Тајмс
Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, утре ќе престојува во еднодневна работна посета на Обединетото Кралство каде на покана на Фајненшал Тајмс ќе учествува на Форум што британскиот весник го организира за земјите од Западен Балкан насловен „Инвестициски можности во брзорастечкиот регион“.
Заев, според соопштението на владината прес-служба, во рамки на престојот ќе се сретне со заменик премиерот на Обединетото Кралство, Дејвид Лидингтон на работен појадок организиран за тројцата премиери од Западен Балкан.
Предвидено е премиерот Заев да се обрати на премиерскиот панел заедно со премиерите на Албанија и Србија, Еди Рама и Ана Брнабиќ на тема „Инвестициски можности и како домашната политика влијае на нив”, а вицепремиерот Анѓушев треба да зборува на сесија заедно со министрите за економија на Косово и Црна Гора, Валдрин Лука и Драгица Секулиќ.