Ердоган – Анкара го очекува рускиот систем С-400 наредниот месец
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Анкара очекува да ги преземе руските одбранбени ракетни системи С-400 наредниот месец и дека цврсто се спротивставува на американското противење по однос на тоа прашање.
Зборувајќи пред група странски новинари, Ердоган и денеска повторно дека договорот со Русија е запечатен и дека Турција нема да се откаже од С-400, и покрај гласното противење од страна на Вашингтон. Ердоган негираше дека САД ѝ понудиле на Турција „прикладен“ договор кој би ѝ овозможил на Турција да ги купи американските ракетни системи Патриот, наместо руското оружје.
„Оваа работа е завршена и за нас и за Русија. Обуките на персоналот се завршени. Верувам дека испораката ќе биде во првите 15 дена од наредниот месец“, рече Ердоган.
Одлуката на Анкара за купување руски одбранбени системи ги затегна односите меѓу Турција и САД, кои се членки на НАТО.
Вашингтон смета дека рускиот систем С-400 е некомпатибилен со опремата на НАТО и дека претставува ризик за програмата на борбените авиони Ф-35. САД предупредија дека Турција ќе биде исклучена од таа програма и дека може да се соочи со санкции.
Ердоган, кој наредниот месец треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп на Самитот Г20, рече дека се надева дека ќе ги одврати САД од воведување санкции против Турција.
САД не би сакале да загубат сојузник како што е Турција, рече Ердоган и додаде дека ќе поддржи воведување контрамерки во случај на какви било американски санкции.