Гладна бела мечка фатена на 800 километри од живеалиштето во Русија
Една гладна поларна мечка, која беше видена на периферијата на рускиот арктички град Норилск, на повеќе од 800 километри од нејзиното природно живеалиште, е фатена и ветеринарите ја згрижиле, објавија денеска властите.
Мечката прв пати била забележана во неделата вечерта во индустриската зона Талмах, североисточно од Норилск, како превртува канти за отпадоци барајќи храна. Фотографиите од исцрпеното животно беа објавени на социјалните мрежи.
Се работи за женка, стара околу една година и тешка околу 200 килограми. Според властите, мечката е толку слаба што сè уште не може да се пушти во природа.
Се очекува мечката да биде испратена на опоравување во Зоолошката градина во Краснојарск во Сибир, неколку илјади километри јужно од Норилск.
Упадите на поларни мечки во населените места поради храна стануваат сè почести во северна Русија, зашто нивните живеалишта и природните избори на храна пропаѓаат поради климатските промени и топењето на мразот.
Поларните мечки се загрозен вид во Русија и нивниот лов е забранет.
Жителите на арктичкиот архипелаг Нова Земја во февруари беа под инвазија на десетици агресивни поларни мечки во потрага по храна, што ги принуди властите да прогласат вонредна состојба. Фотографиите на мечки на скалите на станбените згради го обиколија светот.