Меркел ќе учествува на Самитот за Западен Балкан
Германската канцеларка Ангела Меркел ќе учествува на конференцијата за Западен Балкан, која се одржува во рамките на берлинскиот процес на 5 јули во полскиот град Познањ, соопштено е денес во Берлин.
Портпаролката на германската влада, Мартина Фиц, најавувајќи го учеството на Меркел, потсети дека се работи за годишна конференција што германската влада ја почна во 2014 година како берлински процес.
„На самитот од овој формат се повикани земјите од Западен Балкан, некои членки на ЕУ, како и претставници на Европската комисија“, објасни Мартина Фиц.
Во соопштението се наведува дека на пленарната сесија ќе се разговара за неколку теми, меѓу другото, за вмрежување на земјите од Западен Балкан, како и за економско-политички прашања. По работниот ручек на шефовите на делегациите, предвидена е заедничка прес-конференција на полскиот премиер Матеуш Моравиецки, бугарскиот премиер Бојко Борисов, македонскиот премиер Зоран Заев и на германската канцеларка Меркел.