Пендаровски: ЕУ се бави сама со себе, но мора да видиме светло на крајот од тунелот
Европската унија, знам дека се бави сама со себе, со нивната внатрешна архитектура, но Европската унија мора да знае дека ние сме на Балканот генерално 30 години во транзиција и ние мораме да видиме, ама навистина, мораме да видиме светло на крајот на тунелот, изјави претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за Телевизија Н1.
Според него, сите во земјата се малку разочарани од двојното говорење одЕвропската унија како целина. Пендаровски истакнува дека и покрај најавите дека Северна Македонија и Албанија ќе почнат преговори, тоа не се оствари.
„Ние сме уверувани од највисоките германски официјални лица дека тоа е само техничко одлагање на процесот и ние тоа го прифаќаме и ќе чекаме на септемвриската одлука на германскиот Бундестаг и на октомвриската на целата Европска унија. Меѓутоа, го поставуваме прашањето - што ако во меѓувреме некој друг Парламент исто, од технички причини, го одолговлече процесот, бидејќи таму имате одлучување на принцип на консензус. Една држава е доволно да каже не и ние имаме повторно одлагање“, вели Пендаровски.