Владата во преговорите со ЕУ ќе ги вклучи опозицијата и НВО
Старт на преговорите со ЕУ во октомври очекува Владата, која за таа цел ја утврдила преговарачката структура, а се разгледува и начинот на вклучување на опозицијата и невладиниот сектор во овој најобемен процес за пристапување во ЕУ, рекоа на брифинг со новинарите вицепремиерот Бујар Османи и главниот технички преговарач Бојан Маричиќ.
Тие посочија дека носител на преговорите ќе биде администрацијата, а Секретаријатот за европски прашања се трансформира во Секретаријат за преговори со Европската Унија. Во однос на скептицизмот на одредени земји-членки за проширувањето, поконкретно за Франција, Османи рече дека работат со сите земји-членки до одлуката во октомври.
„Не е завршено додека немаме одлука. Важно е да се надмине оваа техничка пречка на Бундестагот, ги разгледуваме и датумите на седниците на Бундестагот, за да ја вклопат и нашата тема за да се разгледа, додека со Франција работиме како што работиме со сите членки за да понудиме аргументи дека ако некоја земја-членка заслужува преговори, тоа е Република Северна Македонија,изјави Османи.
Османи посочи дека на опозицијата, ќе и бидат понудени важни позиции во преговарачката структура, бидејќи, како што рече, овој процес не е на Владата и не може да се држи ексклузивност и важно е сите чинители уште во старт на самиот концепт да бидат вклучени.