Вучиќ: оставката на Харадинај е политички трик
Србија за случувањата во Приштина мора да реагира смирено, одмерено, трезвено и без каква било еуфорија, рече српскиот претседател Александар Вучиќ во денешното обраќање по повод вчерашната оставка на неговиот косовски колега Рамуш Харадинај.
Вучиќ, кој се обрати од претседателството на Србија, рече дека Белград смета оти продолжувањето на дијалогот со Приштина е најважно за зачувување на мирот и безбедноста.
“Стравуваме дека политичкиот развој на случувањата во Косово оди во насока на понатамошно одлагање на разговорите меѓу Белград и Приштина. Оставката на Харадинај е политички трик со кој тој сака да добие уште поголема популарност пред своите политички противници”, рече Вучиќ.
Според него Харадинај идната недела ќе отидел во Хаг и ќе се врател во Приштина за 48 часа како голем херој.
Косовскиот премиер Харадинај вчера поднесе оставка поради тоа што добил повик од Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг во својство на осомничен.