Варвициотис: Го наследивме од СИРИЗА лошиот Договор од Преспа
Не сме копотписници на Договорот од Преспа. Како што ни оставивте во наследство други прашања, така во наследство го добивме и лошиот договор за кој треба да работиме за резултатите да ги направиме многу подобри, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, надлежен за европски прашања Милитиадис Варвициотис, за време на расправата во Парламентот за гласање доверба на владата, јави дописничката на МИА од Атина.
“Го наследивме, ќе се обидеме, преку тесната рамка што е опишана да ја подобриме реалноста што ја создава и тоа ќе го направиме доследно, со труд, со меѓународните сојузништва и без да ја ризикуваме позицијата на земјата. Бидејќи секоја друга политика би значела дека го имаме загубено нашето главно оружје, што беше ветото за влез на Скопје во НАТО, а од друга страна ја имаме изгубено Времената спогодба, што го предвидуваше начинот на кој оваа држава се претставува во меѓународните организации”, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.
Варвициотис објасни постојат две полиња на кои треба да работат за резултатите од „лошиот договор да бидат многу подобри за грчките национални интереси“. Прво, според него е полето на економијата, прашањето со бизнисите, производите, кои треба на европско ниво да ја гарантираат нивната автентичност.
“Второто е прашањето со иредентизмот. И овде сакаме да испратиме јасна порака дека ќе бидеме во континуиран процес на следење и на развојот на предвиденото во Договорот, но уште повеќе кога ќе се отвори европскиот пат на северниот сосед кон Европската унија, тогаш во секоја фаза ќе бидеме таму за да следиме, бидејќи сакаме Западен Балкан да оди напред во Европа, но без никакви отстапки, ниту за прашањата со иредентизмот, ниту за прашања кои се поврзани со владеењето на правото”, рече Варвициотис.