Иран и светските сили во Виена ќе дискутираат за нуклеарниот договор
Пет светски сили на крајот на месецов ќе одржат разговори со Иран, во напори да го зачуваат нуклеарниот договор потпишан во 2015 година во услови на зголемени тензии во Персискиот Залив.
Претставници на Британија, Франција, Германија, Русија и Кина на 28 јули ќе се сретнат со претставници на Иран во Виена, каде ќе дискутираат за Заедничкиот сеопфатен акционен план – формалното име на договорот, се вели во денешното соопштение на Службата за надворешна политика на ЕУ.
„Состанкот е свикан на барање на Франција, Германија и Велика Британија и Иран, а на него ќе бидат разгледани прашањата поврзани со имплементацијата на договорот во сите негови аспекти“, се вели во соопштението.
Според договорот, кој првично ги вклучуваше и САД, Техеран вети дека ќе ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите.
Минатата година претседателот на САД Доналд Трамп се повлече од договорот и повторно воведе санкциите кон Иран во многу сектори, вклучително и во клучните нафтени и финансисики индустрии.