Хан побарал од Мицкоски вклученост и конструктивност за законот за ЈО
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој денеска престојуваше во Скопје на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша дека на средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побарал од него да се вклучи активно и конструктивно во носењето на новиот нацрт закон за Специјалното јавно обвинителство. Хан наведува и дека “преостанатите разлики не изгледаат непремостливи”.
“Сега е потребно одговорно однесување. Се работи за иднината на земјата и граѓаните”, напиша Хан.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека теми за разговор на средбата со еврокомесарот биле актуелната политичка состојба, закочените европски интеграции и политичкиот дијалог во земјава.
Мицкоски, како што информираа од опозициската партија, ги пренел и забелешките на предлог законот за обвинителство посочувајќи дека ниту еден криминал не смее да остане имун на правдата и дека на тој план не се потребни компромиси.