Пендаровски не е за избори пред влезот во НАТО и пред пописот
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, не коментира дали е можно да падне Владата поради случајот „Рекет“, но, како што рече на денешната прес-конференција, лично смета дека предвремени избори не се од интерес на државата до крајот на годината кога очекува комплетно интегрирање на земјата во НАТО и почнување на преговорите со ЕУ.
„Тоа е работа на луѓето кои ја предводат Владата и политичките партии кои ја сочинуваат. Нивната политичка проценка е најбитна, а по Уставот е јасно – кој има 61 глас од 120 пратеници тој е на власт. Ако сакаат да одат на предвремени избори, повторно 61 глас го распуштаат Собранието. Не ги знам какви се нивните планови од оваа позиција не смеам ни да ги прашувам. Од позиција на претседател кој се грижи и за евроатлантските интеграции, што му е и надлежност, мислам дека минимум додека не ги затвориме овие битни прашања до крајот на годината не би требало да одиме на предвремени избори. Сакам да ја видам Северна Македонија комплетно интегрирана во НАТО и со почнати преговори со ЕУ. Тоа е од интерес за државата“, рече Пендаровски.
Тој додаде и дека не би одел со предвремени избори пред да се направи попис, за кој смета дека и е повеќе од потребен на државата за да изгради фундирана развојна политика во клучните области.