ОЈО нема однапред да кажува кого ќе повика на исказ за „Рекет“
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција попладнево соопшти дека во врска со предметот „Рекет“ се вештачат одземените електронски уреди, се декриптираат пронајдените содржини и се прави финансиска истрага.
Од Обвинителството нагласуваат дека во интерес на истрагата нема однапред да соопштуваат информации за тоа што се презема во истрагата и кои лица ќе бидат повикани да дадат исказ.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во интерес на постапката нема однапред да споделува информации за дејствијата што ги презема во предметот, па така и за лицата што ги повикало или има во план да ги повика да дадат исказ. Со оглед на тоа дека се работи за предмет што предизвика голем интерес во јавноста, обвинителството во рамките на можностите ќе продолжи и понатаму да ги споделува сите информации што нема да наштетат на понатамошната постапка“, соопшти ОЈО.
Оттаму додаваат дека за да се спречат секакви шпекулации, за веродостоен извор за предметот ќе се сметаат само официјално добиените информации во врска со „Рекет“.