Град Скопје најавува засилен надзор над спомениците
Град Скопје кој е надлежен за поставувањето и одржувањето на новопоставените ознаки на спомениците во централното градско подрачје, ќе го засили надзорот за во иднина да се спречи нивно оштетување.
“Спомениците се оштетени од непознати сторители и од тие причини не може да бидат изречени казни. Поради зачестената појава на оштетување, Град Скопје во рамките на своите надлежности во наредниот период ќе го засили надзорот врз спомениците, а тие ќе бидат и под засилени инспекциски контроли”, информираат за МИА од Град Скопје.
Градските власти најавија дека ќе ги санираат оштетените делови на спомениците, а ознаките онаму каде што се отстранети ќе бидат повторно поставени. Новата ознака што беше поставена вчера на споменикот на Филип Втори на скопскиот плоштад „Карпошово востание“ ноќеска беше извадена и украдена, а на споменикот на Олимпија е оштетена.Оштетена е, но и натаму стои залепена, ознаката на споменикот на Александар Македонски на централниот плоштад во Скопје. На ознаките, согласно Преспанскиот договор, на македонски, албански и на англиски јазик пишува дека овие споеници припаѓаат на античката хеленска историја и на светското културно наследство.