Авион на иранската влада слета во францускиот град Бијариц каде што се одржува Самитот на Г7
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи изјави дека „нема да има ни состанок ни преговори“ со претставниците на САД на Самитот Г7.
Со истиот авион на неодамнешното патување во Европа леташе иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф. Познато е дека Зариф планира да патува во Азија во наредните денови.
Нема дополните информации во иранските медиуми.
На новинарско прашање дали Зариф доаѓа во Бијариц, американскиот претседател Доналд Трамп кусо одговори „без коментар“.
Претходно, францускиот претседател Емануел Макрон најави дека ќе продолжи да разговара со Техеран во наредните недели во обид да ги смири тензиите околу иранската нуклеарна програма. Тој ова го кажа на маргините на тридневниот самит на лидерите на Г7 кој се одржува во приморското гратче Бијариц во југозападна Франција, два дена по средбата со иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф во Париз.
Тензиите меѓу Иран и САД се зголемија откако Вашингтон минатата година се повлече од нуклеарниот договор од 2015 година, според кој Техеран се согласи да ја ограничи нуклеарната програма во замена за олеснување на меѓународните санкции. САД воведоа нови санкции кои удрија врз иранската економија, а Техеран почна да се откажува од дел од обврските од договорот.