Британската Влада ќе бара кралицата да го распушти Парламентот
Британската влада ќе побара од кралицата Елизабета Втора да го распушти, односно да го суспендира Парламентот само неколку дена откако пратениците ќе се вратат на работа во септември и само неколку недели пред крајниот рок на Брегзит, објавија британските медиуми и светските новински агенции.
Според британските медиуми, тоа ќе ѝ овозможи на новата администрација на Борис Џонсон да го одложи традиционалниот говор на кралицата за идните планови на владата, закажан за 14 октомври. Истовремено, пратениците нема да имаат време да изгласаат ниту еден закон со кој Џонсон би се спречил да ја изведе Велика Британија од Европска Унија на 31 октомври без постигнат договор.
Според неименуван извор во британската Влада, што го цитираат британските медиуми, „време било Владата да направи план што со земјата по излегувањето од ЕУ“.