Заев:Брз план за пошумување околу езерото „Младост“
![Заев:Брз план за пошумување околу езерото „Младост“](https://gdb.rferl.org/B2EE982B-9B4D-4DBD-8F4F-833C7007421F_w800_h450.jpg)
Премиерот Зоран Заев при денешната посета на опожарената шума во близина на велешкото езеро „Младост“ изјави дека секој што од немарност или намерно запалил пожар ќе одговара. Тој додаде дека штетите и последиците се големи и дека локалните самоуправи ќе мора да ги менуваат приоритетите, и да им посветат повеќе внимание на противпожарните бригади и припадници на институции кои се грижат за превенција од криза.
„Децениите за ревитализација ќе ги претвориме во години. Општина Велес, Владата и ЈП „Национални шуми” ќе спроведат брз и координиран план за масовно пошумување. Ќе спроведеме максимални напори за вонредно пошумување со адекватни видови садници, со што оваа територија ќе ја има повторно функцијата на шума со сите еколошки параметри неопходни за здрава животна средина. Ќе издвоиме од Буџетот средства за обезбедување садници“ изјави Заев.
Шумски пожар над велешкото езеро „Младост“, во кој по 11 часа дивеење на огнената стихија од која постоеше опасност да се зафатат и околните населби, изгоре површина од 400 хектари од кои половината со борова шума и 200 хектари под сува трева.
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против одговорно лице во едно правно лице и против четворица работници ангажирани за извршување работи за потребите на правното лице, а во врска со пожарот кој избувна завчера на територијата на општина Велес, кај езерото Младост. По скратена постапка кривично ќе се гони и правното лице – градежната компанија која ги ангажирала осомничените.