Грузискиот премиер Бахтаѕе поднесе оставка
Грузискиот премиер Мамука Бахтаѕе поднесе оставка, истакнувајќи во објава на неговата страница на Фејсбук, дека ја исполнил својата мисија, објавија новинските агенции.
„Создадена е рамката за развој и затоа одлучив да поднесам оставка, бидејќи верувам дека досега ја исполнив својата мисија“, напиша тој на Фејсбук профилот.
Бахтаѕе им заблагодари на сите министри и на основачот на владејачката партија Грузиски сон, Биѕина Иванишвили за поддршката и соработката, нагласувајќи дека останува нејзин член. Бахтаѕе ја предводи Владата на Грузија од јуни 2018 година, а претходно беше министер за финансии.
Според законот, по оставката на премиерот, целиот кабинет поднесува оставка. Министрите ќе продолжат да ги извршуваат своите обврски додека не се формира нова влада.