Руската полиција претресла 150 куќи на приврзаници на Навални и 12 негови регионални штабови
Руските безбедносни служби ноќеска извршија најмалку 150 претреси на куќи и канцеларии кои им припаѓаат на приврзаниците на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, напиша на социјалните медиуми неговиот соработник Леонид Волков, пренесоа новинските агенции.
Претресите се случија четири дена откако владејачката партија „Единствена Русија“ на претседателот Владимир Путин, изгуби третина од своите места во градското собрание во Москва и претрпе неуспеси на други места, но сепак ја задржува својата доминантна позиција во Русија, пренесува новинската агенција „Ројтерс“.
Навални ги повика своите приврзаници да гласаат тактички за да се обидат да ги намалат шансите на кандидатите поддржани од Кремљ низ целата земја, а стратегијата се чини дека имаше успех.
„Вкупниот број претреси е над 150, а дури 1.000 руски полицајци беа вклучени во рациите“, напиша Волков на социјалните мрежи.
Павел Чиков, од организацијата за заштита на човековите права „Агора“, соопшти дека биле извршени и полициски претреси во штабовите на Алексеј Навални во вкупно 38 региони во Русија.