Ѓукановиќ - Пендаровски: Заедно да дадеме нова динамика во ЕУ
Односите помеѓу Црна Гора и Македонија не се прекинати и имаме традиција на одлични односи. Нашите односи се пријателски, имаме меѓусебна поддршка и делиме заеднички цели. Важно е силно да ја поддржиме Северна Македонија, изјави денеска црногорскиот претседател, Мило Ѓукановиќ, по средбата со неговиот македонски колега, Стево Пендаровски, во Претседателската вила во Скопје.
„Тој пат е без алтернатива. Северна Македонија од познати причини го изгуби чекорот на патот на интеграциите, но сметам дека лекциите се научени, а постигнат е голем прогрес и напредок. Северна Македонија го обезбеди местото во НАТО алијансата. Сметаме дека не треба да има двоумења, затоа што мислиме дека е време за нова динамика во политиките на ЕУ“, рече Ѓукановиќ.
Неговиот домаќин, Пендаровски се заблагодари на уверувањето од Ѓукановиќ дека силната поддршка од Црна Гора останува и во иднина.
„Добив уверување од Ѓукановиќ дека поддршката ќе продолжи и во иднина. Се согласивме дека нема поголема сила од евроинтегративните процеси. Во оваа насока, Северна Македонија соработува и преку понудената помош, а пример за одличните односи е соработката во одбраната. Можам да заклучам дека Северна Македонија и Црна Гора се цврсто убедени за интеграции, стабилност и добрите односи на двете држави се неопходни за економски развој. Северна Македонија и Црна Гора се пријателски и блиски земји и односите на двете земји ќе зајакнуваат“, истакна Пендаровски.
Посетата на Ѓукановиќ е прва посета на претседател на странска држава во мандатот на Пендаровски.