Ослободителна пресуда за Љубе Бошкоски за случајот „Ровер“
Основниот суд Скопје 1 донесе ослободителна пресуда за обвинетиот, поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, во предметот познат како „Ровер“, односно за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година.
Ослободителна пресуда добија и останатите обвинети за помагање односно соучесништво - Зоран Трајковски, Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ, Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Судот ја потврди претходната пресуда за доживотна затворска казна за тројцата обвинети српски државјани - Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ, обвинети за убиството на Марјан Тушевски и Јанев Киро.
“Фактичката состојба е утврдена. Во 2001 имало тепачки меѓу Маријан Тушевски и Орце Коруновски, по што ангажирал странски државјани за да го ликвидираат“, рече судијата Илија Танев.
Рочиштата за предметот „Ровер“ траат веќе седум години. Досега беа донесени две првостепени пресуди, но Апелациониот суд ги укина, по што во октомври 2015 година судењето почна по трет пат. Според втората првостепената пресуда, која подоцна беше укината, за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, од 2001 година, обвиентите Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ беше осуден на 15 години затвор, бидејќи беа обвинети за директни извршители на убиството.
Бошкоски доби казна затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски. Бошкоски, како тогашен министер за внатрешни работи, и останатите вработени во МВР, се товареа дека им овозможиле на убијците да избегаат.