Победниците на косовските избори се договорија за заедничка Влада
Во заедничкото соопштение на двете партии се наведува дека на состанокот, одржан во седиштето на ЛДК, се разгледани главните политички теми за клучните реформи кои ја очекуваат новата влада. Наредната средба е закажана за 23 октомври.
Иако преостанува да се пребројат уште одреден број гласачки места и да се избројат таканаречените „условни гласови“, сосема е извесно дека ВВ на Албин Курти е победник на изборите од 6 октомври со околу 25,5 отсто освоени гласови. Втора, со околу еден отсто помалку гласови, е ЛДК на поранешниот премиер Иса Мустафа, чија кандидатка за премиерка и носителка на изборната листа е досегашната пратеничка Вјоса Османи.
Двете партии засега се упорни во тврдењата дека нема да коалицираат со ниеден друг политички субјект, додека Курти неколку пати порача дека доколку не успее коалицијата ВВ – ЛДК земјата ќе оди на нови избори.