Рускиот скандал во фокус на Самитот за антидопинг
Светската антидопинг агенција одржува тридневна конференција во Катовице, Полска. Претседателот во заминување на Светска агенција Крег Риди на отворањето на конференција рече дека рускиот скандал што избувна во 2015 со допингување на нивни спортисти е најголемиот предизвик со кој се соочила организацијата во своето 20-годишно постоење.
„Невидено е нивното мамење со што Агенцијата се стави под притисок да работи со сите спортисти и да докаже дека се „чисти“, оти руската Агенција за антидопинг, беше прогласена за некомпетентна. Тој скандал не научи дека не бевме подготвени да се справиме со тоа“, вели Риди.
Светската агенција има документирано повеќе од 1.000 случаи на руски спортисти кои се допингувале, а тоа особено беше изразено на Зимските олимписки игри во Сочи во 2014 година.
Тогаш руските власти беа обвинети дека со државно организирана акција се прикривале спортистите кои користеле забранети материи.
Поради новооткриени случаи Русија би можела да се соочи со забрана за Олимпијадата во Токио во 2020 година.
Најновите обвинувања сè уште се истражуваат и во Катовице не се очекува никаква одлука за Русија.