Шекеринска - Центарот за обука на пилоти не е вклучен во проектот за хеликоптерската прва помош
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека во проектот за хеликоптерската прва помош нема вклученост на Центарот за обука на пилоти. Таа вели дека Центарот за обука на пилоти е центар наменет за обука на пилоти на Министерството за одбрана, на Министерството за внатрешни работи и тој останува домашен капацитет.
„Тој Центар до 2021 година го водиме заедно со приватниот партнер, но после тоа останува целосна одговорност практично на нашата Армија. Во проектот за хеликоптерската прва помош и спасување нема вклученост на Центарот за обука на пилоти“, вели Шекеринска.
На прашањето каде ќе биде локацијата на хеликоптерската прва помош, Шекеринска појасни дека тоа е прашање кое согласно условите на тенедерот и договор останува на концесионерот, но тоа, повтори, не е Центарот за обука на пилоти.
Сепак, посочи дека во физибилити студијата таа опција била разгледувана, но како резултат на дебати во Владата, било одлучено дека во договорот што е понуден на кој било приватен концесионер, таа опција да не биде отворена.
Во физибилити студијата за хеликоптерската служба за итна медицинска служба што Владата ја испрати до медиумите, на 14 страна се наведува дека како „најсоодветен објект е определен постоечкиот Центар за обука на пилоти на аеродромот Петровец. А за ефикасно функционирање на хеликоптерскиот систем потребно е да се доделат хангари и слични објекти на аеродромот (по можност во постоечкиот Центар за обука на пилоти. Како што стои во студијата потврдено било дека овие капацитети ги задоволуваат потребите за новиот систем.
Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски на брифинг со новинарите, претходно рече дека инвеститорите сами ќе си одлучеле каде ќе си изградат или изнајмат простор.