МНР и МВР чекаат официјална потврда за уапсениот македонски државјанин во Србија
Македонските институции очекуваат официјални информации од надлежните во Србија во врска со случајот за уапсениот македонски државјанин, кој според медиумските извештаи, бил дел од група од неколку лица кои ,исто така, биле уапсени заради сомненија за прибирање документација од фабриката за муниција „Први Партизан“ од Ужице.
Од македонското Министерство за надворешни работи (МНР) велат дека досега за овој случај не добиле официјални инфорамции од надлежните институции во Србија, а податоци за случајот засега немаат ниту во македонското Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според пишувањата на српските медиуми, по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, припадници на Управата за криминалистичката полиција на српското Министерството за внатрешни работи и Воено безбедносната и Безбедносно информативната агенција (БИА) уапсени се тројца работници од фабриката „Први Партизан“ од Ужице, како и Шевќет Д. – државјанин на Северна Македонија и соственик на фирмата „Арс груп“ од Скопје.
Уапсените, според пишувањата, се осомничени за злоупотреба на службената положба и за давање мито, односно се товарат за продажба на проекти и други важни технички документи во сопственост на фабриката за муниција „Први Партизан“ од Ужице, кои се однесувале на производство на оружје и муниција со калибар 12,7 милиметри.
Шевќет Д. е осомничен дека документацијата која ја добивал од вработените во фабриката сакал да ја искористи за изработка на машина за производство на муниција со калибар 12,7 милиметри во погоните на поранешната фабрика за оружје и муниција „Сувенир“ во Македонски Брод, како и во фабрика во Катар во која имал сопственички дел, според пишувањата на српските медиуми.