Водени топови и солзавец на протестите на „Жолтите елеци“ во Париз
Француската полиција денеска употреби водени топови и солзавец против демонстрантите од движењето „Жолти елеци“ во Париз.
Движењето „Жолти елеци“ во Франција денеска ја одбележува првата годишнина од протестите кои почнаа како револт против даноците за бензин и го потресоа мандатот на претседателот Емануел Макрон. Потоа се проширија како револт против владеењето на Макрон. На врвот на протестите на улиците ширум Франција излегуваа стотици илјади луѓе.
Демонстрантите, од кои многумина облечени во црно и со скриени лица, ја демолираа ХЦБЦ банката на Плас д’Итали во јужниот дел на градот. Тие запалија корпи за отпадоци и фрлаа камења и шишиња кон полицијата која поставуваше барикади. Два автомобили беа превртени, еден скутер и еден автомобил запалени, а полицијата одговори со водени топови и солзавец.
Полицијата соопшти дека досега биле уапсени 33 луѓе.
Движењето сака да им вдахне нов живот на протестите со одбележувањето на годишнината. Властите очекуваат голем одѕив, но не како што беше во декември лани или во јануари годинава. Сепак, силни полициски сили се распоредени во Париз во очекување на протестите, кои често прераснуваа во насилства.
Полицајците денеска ги растераа демонстрнатите кои се обидоа да ја блокираат обиколницата околу Париз.
Дел од демонстрантите кои се собираат во Париз носат жолти сообраќајни елеци по кои движењето го доби називот, а други се целосно облечени во црно и носат гас-маски.
Претседателот Макрон се откажа од најавениот данок и понуди 10 милијарди евра за исполнување на барањата на демонстрантите. Од пролетоска бројноста на протестите почна да опаѓа, а последните викенди на улиците излегуваа само неколку илјади демонстранти.