Балканот меѓу задачите на германското претседавање со ЕУ
Стабилизирање на Западен Балкан преку приближување кон ЕУ, ќе биде една од задачите на Берлин, кога Германија ќе го презема претседателството со ЕУ во јули идната година, пишува министерот за надворешни работи Хајко Мас. Тој во авторски текст во „Франкфуртер рундшау“ вели дека пред неговата земја претстојат големи задачи: водење фер трговска политика, поттикнување идни поблиски врски со Велика Британија, поддршка на источните и јужни соседи во реформите и стабилизирање на Западен Балкан со приближување кон Европската унија.
Тој вели дека Германија ќе се залага за силна и суверена Европа што би дејствувала постратешки и поодлучно во надворешната политика. Мас смета и дека ЕУ мора повеќе да се инвестира во трансатлантското партнерство, најавува самит во септември 2020 година на Кина и ЕУ, а смета и дека ЕУ треба да дејствува побрзо и поефективно во управувањето со кризи во Сирија, Либија и зоната Сахел во Африка. Мас исто така вели дека Германија сака да формира центар за цивилно управување со кризи за време на претседателството што ќе ја зајакне улогата на Европа како сила за мир.