САД и Јужна Кореја ќе ги одложат претстојните воени вежби
САД и Јужна Кореја ќе ги одложат претстојните воени вежби за да помогнат во зацврстувањето на мировните напори со Северна Кореја, соопшти американскиот секретар за одбрана, Марк Еспер.
При денешното запирање во Тајланд, тој рече дека на овој потег не гледа како „концесија“ за Пјонгјанг, кој остро се противи на американско – јужнокорејските воени вежби, кои ги смета за подготовка за инвазија.
„Ова го гледам како покажување добра волја... за овозможување на мирот“, рече Еспер, зборувајќи со неговиот јужнокорејски колега во Бангкок.
САД одржува серија преговори со Пјонгјанг во обид да го натера севернокорејскиот режим да се откаже од нуклеарната програма.
Претседателот Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун одржаа два Самити, на кои имаа пофални зборови еден за друг, но беше постигнат мал напредок за клучните прашања. Тие исто така одржаа куса средба во Демилитаризираната зона што ги раздвојува Северна и Јужна Кореја.
Пјонгјанг соопшти дека сака укинување на сите финансиски санкции, пред да почне да размислува за денуклеаризација.
Двајцата лидери се согласија да ги продолжат разговорите, иако не е одреден датум или локација за средбата.