Борисов:Мицкоски ме увери дека влезот во ЕУ и НАТО е приоритет за ВМРО-ДПМНЕ
Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска истакна дека лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средбата го уверил оти пристапувањето на Северна Македонија во Европската унија и НАТО е приоритет за неговата партија. Борисов ова го напиша на својот официјален фејсбук. Средбата се одржа на маргините на Конгресот на Европската народна партија во Загреб.
„Антибугарската реторика не само што треба да биде забранета, туку тие треба да се уверени дека тоа не е во ред. Ние не сме биле окупатори на никого. Читањето на историјата е такво какво што историчарите го кажале, а ние како такво со векови сме го прифаќале. Ако сакаат да одат напред, јасни се вредностите што треба да ги почитуваат“, вели Борисов.
Мицкоски, пак од Загреб денеска изјави дека ставот на партијата е познат и непроменет и бил истакнат вчера на средбата со Борисов, а тоа е дека „ВМРО-ДПМНЕ и тој лично подржуваат се што е добро и за Македонија и за Бугарија“.
Како конструктивна ја оцени средбата со Борисов, разговарале за унапредување на соработката во различни сфери, но како што рече на средбата станало збор и за „онаа Резолуција којашто се однесува на негирање на посебноста на македонскиот јазик, ликот и делото на Гоце Делчев“.
„Така што она што е добро коешто ги поврзува македонските граѓани и граѓаните на Бугарија го подржуваме, она што е спротивно на интересите на македонските граѓани, Македонија ние не можеме да го подржиме, како што е прашањето поврзано со македонскиот јазик, ликот и делото на Гоце Делчев итн., изјави денеска Мицкоски.
СДСМ на прес конференција обвини дека Мицкоски едно говори тука, а друго пред Борисов, односно пред бугарскиот премиер дал поддршка за Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Иако дома се противеше на Договорот за добрососедство со Република Бугарија, Мицкоски вчера рече дека Договорот е добар и дека го поддржува. Мицкоски едно зборува пред граѓаните, друго надвор од државата. Сега повторно Мицкоски вели дека не е точно тоа што му го кажал на премиерот на Бугарија, Бојко Борисов“, се вели во соопштението на СДСМ.