Франција - Европската перспектива на Северна Македонија не е доведена во прашање
Европската перспектива на Северна Македонија не е доведена во прашање, рече државната секретарка за европски прашања на Франција Амели де Моншалан пред Националното Собрание, каде се дебатираше за ратификација на Протоколот за НАТО. Француското национално собрание го усвои законот за ратификација на Протоколот.
Во воведниот збор француската државна секретарка за европски работи, Амели де Монтшалан нагласи дека „Скопје секогаш давало потврда за постојаност во својата надворешна политика, ориентирана кон Европа, Европската унија и НАТО“.
Во дебатата која траеше повеќе од еден час, речиси сите учесници ја истакнаа геостратешката положба и значење на Северна Македонија за Балканот и Европа и нејзиното определување за евроатлантските интеграции, за што се направени големи жртви, како промената на името на земјата.
Франција, стои во усвоениот закон, ќе остане особено будна во однос на клучните принципи на процесот на проширување на НАТО, а тоа се проценка на сопствените вредности на земјите-кандидатки и нивниот придонес за безбедноста на евроатлантската област.
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска изјави дека станува збор за силна политичка порака тоа што Протоколот го ратификуваат 28 од 29 земји-членки за девет месеци