Руската Дума го одобри законот за етикетирање новинари
Долниот дом на руската Дума го одобри последното читање на предлог законот со кој се дозволува новинарите кои работат за странски организации да бидат официјално етикетирани како странски агенти. Според предлог законот секој новинар кој соработува со странски медиуми или добива финансиска помош од нив, треба да биде регистриран како странски агент. Следната станица за предлог законот е одобрување од Горниот дом на руската Дума, по што претседателот Владимир Путин треба да го потпише законот за да стапи во сила.
Претходно во Русија беше донесен закон со кој сите невладини организации што добиваат пари од странство мора да се регистрираат како странски служби, односно странски агенти. Ова следуваше после протестот против Путин, по што за причина за демонстрациите ги обвини западните земји и нивното влијание.
Претседателот на РСЕ Џејми Флај денеска изјави дека предлог-законот штетно ќе влијае по животот и безбедноста на новинарите и дека го „потсетува на најтемните времиња од минатото на Русија“. Радио Слободна Европа веќе е таргет на законот за странски агенти.
„Овој закон се чини дека е дел од опасен и ескалирачки напор да се таргетираат новинарите од РСЕ и другите странски медиуми, со цел да се осигурат дека рускиот народ ќе ги добива само оние информации што ќе ги сервира Кремљ“, изјави претседателот на Радио Слободна Европа Флај.