Седум морнари киднапирани од пирати во Гвинејскиот залив
Еден српски државјанин е меѓу седумте морнари на бродот на компанијата „Ексон Мобил“ кој вчера бил запленет од пиратите во Гвинејскиот Залив, соопшти денеска српското министерството за надворешни работи.
„Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ и наложи на амбасадата на Србија во Ангола, која е исто така одговорна за Екваторска Гвинеја, да ги собере сите релевантни информации во врска со киднапирањето и позицијата на нашиот граѓанин“, се вели во соопштението.
Петнаесетчлената екипа се состоела од државјани од Јужна Африка, Филипините, Србија и Камерун.
Од сите киднапирања на екипажот во светот, околу 82 проценти се случуваат во Гвинејскиот Залив, соопшти во октомври Меѓународната стопанска комора, која се занимава со заштита на екипите од злосторства против поморската трговија, особено пиратството.