Вархељи - Проширувањето на ЕУ ќе остане приоритет на ЕП
Новиот европски комесар за проширување Оливер Вархељи денеска изјави дека ќе продолжи да се залага за донесување на позитивна одлука за Северна Македонија и Албанија пред Самитот на ЕУ во Загреб, што ќе се одржи во мај следната година.
Тој на тркалезната маса во Европски парламент посветена на евроинтеграцијата на Западен Балкан, повтори дека е многу разочаран поради тоа што не беше постигнат консензус за отворање на преговори со Скопје и Тирана. Еврокомесарот нагласи дека проширувањето на ЕУ ќе остане приоритет на ЕП и најави дека Европска комисија набрзо ќе достави предлог за новиот пристап во процесот на проширување
Вархељи истакна и дека Босна и Херцеговина направила значителни чекори на патот кон Европска унија, но треба да се фокусира на реформа на судството и управување со миграциите. Упати апел Србија да го забрза процесот на реформи на патот кон ЕУ. За Косово рече дека се надева оти Приштина ќе го обнови дијалогот со Белград.
Еврокомесарот рече дека најголем напредок на патот кон ЕУ има остварено Црна Гора, која отвори 32 поглавја, но оти се уште треба да оствари конкретни резултати во владеењето на законите и слобода на медиумите, политичката дебата да се врати во Парламентот и да продолжи работата за изборното законодавство.