Димитров: Без никакви дилеми заслуживме почеток на преговорите
Со оглед и на историските и храбри исчекори во надминување на сензитивни билатерални прашања, земјата без никакви дилеми го заслужи почеток на преговорите, изјави денеска во Берлин, министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој учествуваше на конференцијата „Балкански дијалози“ .
Во своето обраќање, тој образложи дека Северна Македонија е заинтересирана што е можно поскоро Европската комисија да го изработи и претстави пред земјите-членки својот предлог за подобрување на пристапниот процес.
„Северна Македонија, преку процесот на стабилизација и асоцијација, 15 години се подготвува за членство и има постигнато високо ниво на усогласеност во многу области на законодавството на ЕУ “, истакна Димитров.
Како што соопшти МНР, Димитров ја нагласил важноста и потребата земјите-членки во Советот без одлагање да постигнат консензус за почетокот на преговорите со Северна Македонија.Тој истакнал дека земјата покажала високо ниво на зрелост и мудрост и ќе го продолжи засилениот ангажман во правец на исполнување на ЕУ реформите.