Барање за изземање на уште еден судија ја одложи оцената на обвинението за организаторите на „27 април“
На денешната седница за оцена на обвинителниот акт за организаторите на настаните во Собранието од 27 април наместо изнесување и образложување на приговорите, одбраната на обвинетите побарала изземање на уште еден судија – член на советот за оценка.
Како што информираат од Кривичниот суд, барањето било разгледано, но судот го отфрлил како неосновано.
„Решението со кое се одбива барањето за изземње може да се побива со посебна жалба во рок од три дена од донесување на решението, а ако таквото решение е донесено по потврдено обвинение, тогаш само со жалба на пресудата“, велат од судот.
Следниот термин на кој ќе се оценува обвинителниот акт е 23 декември.
На барање на одбраната веќе беа иззмени 8 судии од Одделението за организиран криминал и корупција во Кривичен.
Основното јавно обвинителство за организација на „27 април“ ги сомничи поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, екс-директорот на УБК, Владимир Атанасовски и поранешниот заменик началник во петтата управа Никола Бошковски. За насилствата во Собранието од 27 април 2017 година, на 15 март годинава на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица.