Уставниот суд за помилувањето ќе го земе предвид одговорот од Собранието
Уставниот суд за оценувањето на уставноста на Законот за дополнувањето на Законот за помилување ќе го почека и ќе го земе предвид одговорот од Собранието за тој закон, вели претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати.
Тој во интервју за МИА вели дека в предвид може да бидат земени и ставовите на другите учесници во постапката, како на пример на Владата. Мурати вели дека оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за помилување, е во втора фаза. Тоа значи дека Судот со одлучувањето да поведе постапка изразил сомнеж во уставноста на оспорениот закон при што е потребно да се утврди текстот на решението за поведување постапка на седница на Судот во кој ќе се образложат причините поради кои Судот одлучил на овој начин, истакнува Мурати.
Тој вели дека е неблагодарно да се врзува за фиксни рокови кога Судот ќе се изјасни по ова прашање, но додава дека се залага и за овој, како и за другите предмети да бидат решавани ажурно и благовремено.
Во однос на критиките кои во последно време беа упатени кон Судот, Мурати вели дека за нив се прифатливи сите правно аргументирани критики но, не и оние кои задираат длабоко во нивната самостојност и независност предвидена со Уставот и Деловникот на Уставниот суд.