Заев: Ги слушнав заканите, на никого нема да му фали ни влакно на главата
Премиерот Зоран Заев попладнево ги коментираше заканите во неколкуте бомби кои се појавија во последните неколку дена на интернет, упатени кон него и неговото семејство.
„Моите деца и моето семејство ми се светост како што му се светост на секој граѓанин веројатно децата и семејството и нема да дозволам влакно да им фали на главата како што нема да дозволам да фали влакно на главата на кој било граѓанин“, истакна Заев и додаде дека е должен, прво како родител, потоа и како претседател на Владата, да ги преземам сите мерки на претпазливост“.
„Ги слушнав заканите. Секако не верувам дека нешто ќе се реализира. Лично не верувам во организација на такви закани. Немам време многу да размислувам околу нив, но гледам мојата мајка, мојата сопруга моите деца размислуваат. Нормално мерките на претпазливост се преземени, рече Заев.
Тој потенцира дека нему му е многу важна вистината и додаде дека судскиот процес треба да заврши со разрешница, да ги утврди сите вистини и да ја испорача казната за секој што се огрешил и го прекршил законот. Ова, додаде, е сериозен случај што може да нанесе политички штети врз одредени политички субјекти и врз извршната власт.
Како што објави МИА, на „Јутјуб“ денеска беа објавени девет нови „бомби“ во кои се слуша како лице се заканува по животот на децата на премиерот Заев. Заканите доаѓаат од лице за кое се претпоставува дека е бизнисменот Орце Камчев, објави МИА.