Украински пратеник заврши во болница по тепачка во Парламентот
По тепачка во украинскиот Парламент, во болница заврши пратеник од владејачката партија „Слуга на народот“. Пратеникот Андриј Бохданец е примен во болница со потрес на мозокот, напиша на Фејсбук пратеничката Евгенија Кравчук.
Бохданец и пратеникот Едуард Леонов од националистичката партија „Свобода“ размениле удари во Собранието во кое се води расправа за нацрт-законот, со кој се дозволува приватизација на земјоделското земјиште. Партијата „Свобода“ долго време се спротивставува на ова прашање.
Од владејачката партија „Слуга на народот“, преку соопштение инцидентот го нарекуваат „намерна провокација“, чија цел е нарушување на процесот на донесување закони и дестабилизирање на ситуацијата во парламентот во корист на одредени политички сили.
Во меѓувреме, од партијата „Свобода“ инсистираат на тоа дека тепачката ја започнал Бохданец.
Од полицијата велат дека го истражуваат случајот.
Украина воведе мораториум на продажба на земјиште од 2001 до јануари 2020 година.
Во ноември пратениците во прво читање одобрија нацрт закон според кој ќе се дозволи продажба на земјоделско земјиште од октомври 2020 година.
Планот да се дозволи продажба на земјиште во Украина е поддржан од западните субјекти, но многу критичари стравуваат дека со ваквиот потег ќе може странци да купуваат земјиште.